Mohammad Sıo
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Иран соопшти дека во американски ракетен напад врз спортска сала во јужниот дел на земјата загинале 21 цивил, меѓу кои и тинејџери, осудувајќи го нападот како „гнасно воено злосторство“, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багаи, изјави дека нападот бил извршен на 28 февруари при што била погодена спортската сала во градот Ламард, во провинцијата Фарс.
„Новата американска високопрецизна ракета (PrSM) погоди преполна спортска сала со многу невини тинејџери“, наведе Багаи во објавата на американската платформа за социјални медиуми Х.
Тој додаде дека „во нападот загинале младо момче и девојка на возраст од 21 година“, посочувајќи дека ракетата експлодирала над целта, распрснувајќи илјадници смртоносни метални парчиња, со цел да предизвика максимален број човечки жртви.
Багаи го обвини Вашингтон за намерно целење кон цивили и нападот го опиша како „гнасно воено злосторство“.
Според визуелни докази анализирани од „Њујорк тајмс“ и експерти за оружје, новоразвиената американска ракета погодила цивилни објекти во Јужен Иран, меѓу кои и спортска сала и основно училиште во близина на воен комплекс во Ламард.
Анализата на снимките и фотографиите од местото на настанот покажува дека најверојатно станува збор за „Ракета за прецизен удар“ (PrSM), балистичка ракета со краток дострел развиена од американската армија.
Тензиите во регионот ескалираа откако Израел и САД започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која беа убиени над 1.340 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Иран возврати со напад со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и уништување на инфраструктурата, истовремено и нарушување на глобалните пазари и авиосообраќајот.