Ali Cura
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека Русија е подготвена да ги подмири сите потреби на Ирак за производи од руската воена индустрија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот во Москва, Лавров и ирачкиот министер за надворешни работи, Фуад Хусеин, одржаа заедничка прес-конференција.
Наведувајќи дека Русија има важна улога во ирачката воена опрема, безбедносните сили и во одбранбената способност во регионот, во кој постојат терористички закани, Лавров посочи дека Русија сака да ги исполни ирачките потреби за оружје.
„Подготвени сме да ги подмириме сите потреби на Ирак за производи од руската воена индустрија. Ирачкиот министер за одбрана [Џума Инад] планира да ја посети Русија. Сигурен сум дека тогаш овие прашања ќе бидат дискутирани конкретно и суштински“, рече Лавров.
Посочувајќи дека руските енергетски компании инвестирале повеќе од 13 милијарди долари во Ирак, Лавров потсети дека „Лукоил“, „Роснефт“, „Гаспром нефт“ и „Башнефт“ имаат инвестиции во Ирак.
Наведувајќи дека активно соработуваат за елиминирање на остатоците од меѓународните терористи во Сирија и Ирак, Лавров нагласи: „Би сакал да ја истакнам успешната работа на информативниот Центар за координација на борбата против тероризмот во Багдад со учество на воени експерти од Ирак, Русија, Сирија и Иран.“
- Ирак во 2021 година сака да потпише договори со Русија во 14 различни области -
Ирачкиот министер за надворешни работи, Фуад Хусеин, изјави дека Ирак во 2021 година сака да потпише договори со Русија во различни области, меѓу кои и образованието, транспортот, здравството, нафтата и гасот и трговијата.
Наведувајќи дека тема на разговорите била и воено-техничката соработка меѓу двете земји, Хусеин истакна: „Секако, начнавме некои прашања за воено-техничката соработка, но деталите ќе бидат разгледани за време на посетата на ирачкиот министер за одбрана на Русија.“
Покрај тоа, Хусеин додаде дека терористичките елементи на ДЕАШ се сè уште присутни во Ирак и Сирија и дека затоа продолжуваат да соработуваат со другите земји во борбата против тероризмот.