Elena Teslova
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Алексеј Лихачев, челникот на рускиот оператор за нуклеарна енергија „Росатом“, денеска изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје е под контрола, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нуклеарната централа во Запорожје за првпат во историјата на човештвото беше зафатена во воена зона. Од наша страна, максимално се грижевме за нејзината безбедност и направивме сѐ за да избегнеме каков било можен нуклеарен инцидент“, изјави Лихачев за телевизискиот канал „Росија 24“.
Лихачев додаде дека Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), го сфаќа нивото на закана во централата.
„И во оваа смисла ја поддржуваме идејата за безбедносна зона околу станицата со формулирање на принципите сосема прецизно. Што е безбедносна зона, според наше разбирање? Тоа е место каде што ниту една граната, ниту еден куршум не треба да падне, ниту една диверзантска група да се приближи до станицата, и безбедноста на персоналот да е обезбедена“, истакна Лихачев.
За нуклеарната централа, која е под контрола на Русија, Москва и Киев се обвинуваат меѓусебно за нападите врз објектот, што ги зголемува стравувањата од нуклеарна катастрофа.
Со цел да се спречи каков било инцидент, од септември во централата се наоѓаат набљудувачи од Меѓународната агенција за атомска енергија.