19 Октомври 2022•Ажурирај: 21 Октомври 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистанските власти соопштија дека Светска банка проценила дека рекордните поплави во земјата предизвикале штета од 40 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Споменатиот износ е поголем за 10 милијарди долари од претходната проценка која ја извршија пакистанските власти.
Пакистан, и пред сезоната на монсуните, се соочи со серија финансиски кризи. Дождовите предизвикаа невидени поплави, а во еден момент третина од земјата беше под вода. Стотици илјади луѓе мораа да бидат преместени на побезбедни места.
Новата проценка за штетата беше претставена на состанокот во Исламабад меѓу пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф и експертите за климатски промени.
Во поплавите, за кои експертите велат дека се предизвикани од климатските промени, од средината на јуни загинаа 1.719 луѓе.