Dmitri Chirciu
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Министерството за надворешни работи на Русија ја повика Полска да не провоцира во врска со проектилот кој го погоди селото Пржеводов, во близина на полската граница со Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во писмено соопштение наведе дека во Министерството е повикан вршителот на должноста на Полската амбасада во Москва, Јацек Сладевски.
Потсетувајќи дека 2 лица ги загубија животите од експлозијата на ракета што вчера го погоди селото Пржеводов во Полска, Захарова истакна: „На дипломатот му е кажано дека е неприфатливо Полска да поттикнува антируска хистерија во врска со предметниот инцидент.“
Захарова во писменото соопштение наведе:
„Нагласивме дека руската страна очекува Варшава да стави крај на секакви антируски шпекулации во врска со овој инцидент. Ја повикавме Варшава да не се меша во валканите провокации што ги организира администрацијата на Киев, ниту да создава свои провокации.“
- Што се случи во Полска? -
На 15 ноември неидентификуван проектил паднал врз селото Пржеводов, на полската граница со Украина, а од експлозијата животот го загубија 2 лица.
Во врска со инцидентот, во полското Министерство за надворешни работи е повикан рускиот амбасадор во Варшава, Сергеј Андрејев.
Многу земји членки на НАТО изјавија дека е загрижувачки развојот на настани, а Украина, Латвија и Естонија тврдеа дека станува збор за ракети истрелани од Русија.
По инцидентот, руското Министерство за одбрана се обрати со соопштение во кое вели: „Обвинувањата дека руски ракети паднале на полска територија се намерна провокација.“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека станува збор за проектил можеби истрелан од украински систем за противвоздушна одбрана против руска крстосувачка ракета, додавајќи дека инцидентот не бил намерен напад.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравиецки, во врска со настанот изјави: „Украинските сили, одговарајќи на руските напади, лансираа проектили за да се одбранат. Еден од овие проектили случајно падна на полска територија.“