Elena Teslova
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот амбасадор во Авганистан, Дмитри Жирнов, планира да се состане со претставници на талибанците, соопшти денес руската дипломатска мисија во Кабул, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот аташе за соработка со медиумите, Никита Ишенко, изјави дека датумот на состанокот се утврдува моментално.
„Се планира состанок со главниот координатор на талибанското движење во Кабул, што се занимава со предавањето на владините сили. Целта е да се зачува безбедноста на Амбасадата, која и понатаму работи нормално“, изјави Ишенко.
Специјалниот претставник на претседателот на Русија во Авганистан, Замир Кабулов, во соопштението изјави дека Москва нема да се брза со признавањето на талибанците како легитимни авганистански претставници.
„Прво, никој нема да брза со признавање. Признавањето или непризнавањето ќе зависи од однесувањето на новите власти. Внимателно ќе погледнеме колку одговорно тие ќе управуваат со државата во блиска иднина. Како резултат на тоа, руското раководство ќе ги донесе потребните заклучоци, како и одлуката“, нагласи Кабулов.
Откако во последните денови зазедоа многу клучни стратешки центри, ги принудија владините сили да се предадат или побегнат, талибанските борци во неделата пристигнаа до главниот град Кабул.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани и неговите блиски соработници ја напуштија државата.
По заминувањето на Гани, поранешниот претседател Хамид Карзаи, политичкиот ветеран Гулбудин Хекматјар и главниот мировен преговарач Абдула Абдула формираа совет со цел обезбедување непречена транзиција на власта.