Emre Gürkan Abay
19 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ги повика граѓаните да излезат на улиците во руските градови и да протестираат поради планот на Владата за зголемување на возраста за пензионирање, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на Руската Федерација минатата недела до Думата проследи нацрт-одлука која предвидува зголемување на возраста за пензионирање и тоа од 60 на 65 години за мажи и од 55 на 63 години за жени.
Основачот на Фондот за борба против корупцијата и опозициски лидер, Навални, во порака на Твитер наведе дека таквата одлука претставува злосторство.
„Статистички гледано, 40 отсто од мажите и 20 отсто од жените во Русија нема да ја доживеат возраста во која можат да добијат пензија. Нема врска за кого гласавте претходно, сега е важно да излезете на улиците бидејќи во спротивно нема да ги дочекате пензиите“, порача Навални и најави протести за 1 јули.
Тој, исто така, соопшти дека успеал да собере 1,2 милиони потписи од граѓаните за одржување протести во руските градови во кои не се играат натпреварите од актуелното Светско фудбалско првенство.