Ekipa
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
МАРИБ (АА) - Јеменската војска, поддржана од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, денес го зазеде аеродромот „Ал Худајда“ во истоимениот пристаништен град, соопшти командантот на Јеменската армија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Армиските сили комплетно го зазедоа аеродромот „Ал Худејда““, изјави провладиниот командант Раед ал Хабхи за АА.
Тој истакна дека неговите сили ја расчистуваат околината на аеродромот од бунтовниците Хуси.
Официјалната новинска агенција „Саба“ цитираше друг воен командант, кој потврди дека владините сили ја презеле контролата врз аеродромот по смртоносните судири со бунтовниците Хуси.
„Националната армија целосно го контролира аеродромот „Ал Худајда““, рече Абу Зара ал Махрами.
Новинската агенција наведува дека Хусите избегале од комплексот на аеродромот кон населените области во градот.
Лидерот на Хусите, Мухамед ал Бакхити, изјави дека судирите на јужниот дел од аеродромот се сè уште во тек.
Минатата недела владините сили на Јемен, поддржани од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, започнаа широка операција за повторно заземање на Ал Худајда и неговото пристаниште од Хусите.
Меѓународно признатата Влада на Јемен (моментално со седиште во пристанишниот град Аден) и нејзините сојузници ги обвинуваат Хусите за користење на пристаништето за шверц на оружје во земјата од Иран.
Во Јемен веќе подолг период владее политичка нестабилност и судири меѓу Хусите и силите на легитимната власт во Јемен. Хусите од септември 2014 година го зазедоа главниот град на Јемен, Сана, како и одредени околни подрачја. Коалициските сили, под водство на Саудиска Арабија, од 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.
Следната година, мировните разговори под покровителство на ОН во Кувајт не успеаја да го прекинат деструктивниот конфликт.
Тековното насилство ја уништи инфраструктурата на Јемен, вклучувајќи ги и системите за вода и санитарните услови, поради што ОН ја опишуваат ситуацијата како „една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време“.