Abdullah Aşıran
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
РОТЕРДАМ (AA) - Премиерот на Холандија, Марк Руте во рамките на изборната кампања објави оглас во весниците преку којшто им порача на Холанѓаните да ја напуштат земјата доколку не ги почитуваат правилата, јавува Anadolu Agency (AA).
Општите избори во Холандија ќе се одржат во март. Во рамките на изборната кампања, Руте објави оглас во весниците со наслов „За сите Холанѓани“.
Лидерот на Либералната партија, Руте, во огласот објавен на цела страница во голем број весници, истакна дека нема да дозволи да биде нарушен мирот на заедницата.
Според неговите зборови, во последните неколку години е зголемен бројот на постапки што внесуваат немир во заедницата и истакна дека треба да се освестат тие што го прават тоа.
Руте смета дека оние што не ги почитуваат правилата треба да ја напуштат земјата.
Премиерот во интервјуто за еден весник истакна дека го вознемируваат одделни постапки, а за пример го посочи разговорот за работа во автобуска компанија, кога муслиман одбил да се ракува со вработена од фирмата.
Откако бил одбиен за работа, тој ја тужел компанијата и судот пресудил во корист на тужителот.
„Мислам дека автобуската компанија е сосема во право. Неприфатливо е возач на автобус поради верски убедувања да не се ракува со жена. Јас и голем броој луѓе реагираме на ова бидејќи според нормите во Холандија, секој со секого треба да се ракува“, смета Руте.