Elena Teslova
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека Русија нема намера да ја нападне Украина, дури и ако пропаднат разговорите за безбедносните гаранции со САД и НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот во клубот за дискусија „Валдаи“ во Москва, Рјабков истакна дека не постои ризик од војна од големи размери во Европа и ги обвини САД за намерно ширење дезинформации дека Русија се подготвува да ја нападне Украина.
„Верувам дека не постои ризик од започнување војна од големи размери во Европа или на друго место. Ние не сакаме и нема да преземеме никаква акција од агресивен карактер. Нема да извршиме упад, да ја нападнеме, погодиме, или што било друго, Украина“, рече тој.
„Безбедносната ситуација во Европа стана критична по вина на САД и НАТО, кои ја користат Украина да извршат притисок врз Русија“, додаде Рјабков.
Тој истакна дека Москва му понудила на Западот „реален излез од ситуацијата“ и ги објавила своите предлози за „сите заинтересирани“ да разберат за што се разговара и до кој степен Русија не била задоволна „со сѐ што се случува долго време“.
„Ние би сакале да најдеме меѓусебно разбирање и да се договориме пред сè со Американците. Вклучувањето на премногу широк опсег на земји во овој процес ни се чини контрапродуктивно“, рече Рјабков.
„Главниот приоритет на Русија во разговорите со САД и НАТО е да постигне законски обврзувачки гаранции дека Грузија и Украина нема да станат членки на НАТО“, нагласи тој.
Рјабков рече дека добро познатата формула на Самитот во Букурешт во 2008 година, дека Украина и Грузија ќе станат членки на НАТО, треба да се исклучи, и треба да се замени со разбирање дека тоа никогаш нема да се случи.
„Алтернативно, доколку САД се обврзат еднострано на правно обврзувачки начин дека никогаш нема да гласаат за Украина и другите земји да влезат во НАТО, ние сме подготвени да ја разгледаме оваа опција“, рече тој, додавајќи дека ова „би бил полесен пат за САД, доколку би имале доволна политичка волја“.
Рјабков потоа побара Западот да престане да испорачува оружје и воена помош за Украина, вклучително и испраќање воени инструктори, развивање и спроведување планови за изградба на воени бази и спроведување обуки, бидејќи сето тоа „претставува директна, непосредна закана“ за Русија.
„Како што беше кажано стотици пати во изминатите неколку недели, ја гледаме заканата дека Украина ќе стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на НАТО. Тоа е она што е во центарот на безбедносните интереси на Русија“, рече тој.
Во врска со руските војници во близина на границите на Украина, Рјабков рече дека тие вршат редовни вежби и нема да преземаат никакви дејствија што претставуваат закана за Украина.
За заедничките воени вежби со Белорусија, Рјабков потсети дека Русија го има Сојузот на држави со Белорусија „со своја агенда“, која вклучува воени вежби и нема причина за грижа во врска со тоа.
„Русија бара решение што ќе послужи за зајакнување на безбедноста во широка смисла“, рече тој.
Нагласи дека на Русија ѝ се потребни правно обврзувачки гаранции за непроширување на НАТО во форма на договор, во форма на билатерален договор со САД и во форма на мултилатерален договор со НАТО.
На 15 декември Јуриј Ушаков, советник на претседателот за надворешна политика, објави дека Русија им предала нацрт-предлози на САД и НАТО, а два дена подоцна руското Министерство за надворешни работи го објави текстот на нацрт-договорите предложени од Русија.
На 10 јануари, руската и американската делегација се состанаа во Женева на првиот круг консултации за да ги разјаснат ставовите, а на 12 јануари Русија и НАТО разменија мислења за безбедносните предлози во Брисел.
Утре во Женева се очекува да се сретнат рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен за продолжение на процесот.