Gamze Türkoğlu Oğuz
06 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) го предупредија Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) дека Никарагва би можела да се соочи со сценарија, исти како оние во Сирија или Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли, зборуваше на Заседанието на СБОН поврзано со интервенцијата на Владата на Никарагва за време на протестите на студентите и опозицијата во кои од април досега загинаа најмалку 300 лица.
„Никарагва секој ден се движи кон познатиот пат. Оној пат по кој одат Сирија и Венецуела“, порача амбасадорката Хејли, која лидерите на Никарагва и Венецуела, Даниел Ортега и Николас Мадуро, ги нарече „диктатори кои се плашат од сопствениот народ“.
Хејли нагласи дека Владата на Никарагва треба да одговори на барањата на народот за слобода, и дека сѐ уште има можност да ја запре тиранијата која претставува закана за мирот и безбедноста.
На изјавите на амбасадорката Хејли реагираше рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензиа.
Тој порача дека субверзивната политика на САД кон Никарагва има длабоко минато, и дека ова заседание претставува еден валкан и очигледен пример на таквото субверзивно надворешно интервенирање.
Претседателот на Никарагва, Ортега, исто така одговори на предупредувањето кое го упати Хејли.
„Ако сакаат да му помогнат на народот на Никарагва, ако сакаат да придонесат за мир во оваа земја, најдобра работа која можат да ја направат е да не го пика својот нос во Никарагва“, истакна Ортега.
Организацијата на американски држави (OAS) објави дека од април досега, на антивладините протести во Никарагва животот го загубиле најмалку 317 лица, додека Организацијата за човекови права во Никарагва тврди дека бројот на загинати изнесува 448.
Протестите се покренати поради реформите во социјалното осигурување во Никарагва, а во април прераснаа во масовни демонстрации. Барањето на демонстрантите е оставка на Владата и на претседателот Ортега.