Islam Doğru
01 Јануари 2021•Ажурирај: 02 Јануари 2021
ЊУЈОРК (АА) - На њујоркшкиот Тајмс Сквер, најпопуларното место за новогодишните прослави во Соединетите Американски Држави (САД), овогодишното одбележување на Новата година беше во сенка на пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Секоја година, и покрај студеното време, на плоштадот се собираат стотици илјади граѓани, а годинава имаше само мал број и само оние кои имаа покани.
Околу 40 лица од здравствениот сектор, за реакција во вонредни ситуации и други основни сектори на услуги, кои беа во првите редови на борбата против епидемијата на Ковид-19 во земјата, беа на прославата наречена „Херои 2020“, почитувајќи ја физичката дистанца заедно со своите семејства и најблиските.
Додека полицискиот оддел на Њујорк презеде безбедносни мерки против можни напади околу барикадите на Тајмс Сквер, на луѓето без покани не им беше дозволено да влезат во тоа подрачје.
Познати пејачи како Џенифер Лопез и Синди Лопер одржаа концерти во рамките на прославата, на којашто, исто така, настапија танчерски групи.
Се проценува дека околу милијарда луѓе во светот ги следат прославите на Тајмс Сквер, кои се пренесуваат во живо на националните канали, интернет-порталите и социјалните мрежи.