Murat Karadağ
18 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
АКРОН (АА) - Поротата ги ослободи осумте полицајци кои минатата година го застрелаа Афроамериканецот Џејланд Вокер, јавува Анадолу.
Полицајците испукале 46 куршуми во невооружениот Вокер во Акрон во Охајо, САД.
Од Канцеларијата на јавниот обвинител во Охајо е соопштено дека поротата ги прогласила осумте полицајци за невини за убиството на 25-годишниот Вокер.
Минатата година беа објавени снимки на кои 25-годишниот Вокер бега од полицијата поради сообраќаен прекршок.
На нив се гледа како младото момче е изрешетано од куршуми, а адвокатот на Вокер тврди дека осумте полицајци испукале 60 истрели.
Државниот обвинител Дејв Јост, кој даде изјава во врска со одлуката на поротата, рече дека Вокер не ги послушал полициските наредби да застане и откако излегол од возилото и избегал, ја ставил раката на половината и создал перцепција дека ќе извлече пиштол кон полицајците.
Јост рече дека полицајците не знаеле дека Вокер го оставил пиштолот во автомобилот.
Говорејќи по сослушувањето на пресудата на поротата со семејството на Вокер, претставничката на Претставничкиот дом на САД, Емилија Сајкс, рече: „Сè уште не разбирам како полицајците можеа да објаснат 46 дупки од куршуми во телото на еден млад човек.“
Таа ги повика жителите на Акрон да го кренат својот глас „ненасилно против неправдата“.
Градоначалникот на Акрон, Даниел Хориган, исто така напомена дека се свесни за гневот на многумина поради одлуката, но дека нивниот протест треба да биде мирен.
Според податоците на Полициската управа на Акрон, на 27 јуни 2022 година, полицијата го запрела Џејланд Вокер поради сообраќаен прекршок, а за време на потерата, 46 од над 90 куршуми испукани од пиштолите на полицијата го погодиле младиот човек, предизвикувајќи смрт кај него.
Семејниот адвокат Боби Дичело изјави дека рацете на момчето биле врзани зад грб кога бил однесен во болница.
Пукањето врз момчето предизвика големи реакции во градот, а по протестот полицајците инволвирана во инцидентот морале да заминат на административно отсуство.