Emre Aytekin
22 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
КОЛУМБУС
Претседателот на Претставничкиот дом во американската сојузна држава Охајо, Лари Хаусхолдер, е уапсен во рамките на истрагата за земање на мито, односно користење на јавни средства за спасување на две нуклеарни електрани во државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во истрагата која ја спроведе Федералното истражно биро (FBI), обвинителот Дејвид М. ДеВилерс го обвини Хаусхолдер и уште три лица дека зеле мито од 60 милиони долари во замена за помош на нуклеарните централи.
Во обвинението се наведува дека Хаусхолдер парите ги користел во својата предизборна кампања во 2018 година, а откако е избран за претседател парите ги користел и за изборната кампања на 21 член од Претставничкиот дом.
Обвинителот ДеВилерс изјави дека имињата на 21 член на Домот не се наведени, но дека истрагата е во тек.
Откако Хаусхолдер е уапсен, гувернерот на државата Охајо, Мајк ДеВајн, неговиот помошник Џон Хастед, главниот обвинител Дејв Јост, и голем број други официјални претставници од Охајо повикаа да поднесе оставка.
Државата Охајо, во која републиканците имаат мнозинство во Сенатот и Пратеничкиот дом, беше една од критичните држави која му овозможи на американскиот претседател Доналд Трамп да победи на претседателските избори во 2016 година.