Büşra Selvi Öğütcen
24 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
МИНЕАПОЛИС
Стотици луѓе во Минеаполис, најголемиот град на американската сојузна држава Минесота, се присетија на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше жртва на полициско насилство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Семејството на Флојд, активистите и оние што изгубиле некој како последица на полициско насилство, се собраа пред зградата на судот во Минеаполис, каде што му е судено на полицаецот Дерек Шаувин, кој го уби Флојд.
Тие ги извикуваа паролите: „Нема мир без правда.“
Носеа и транспаренти со фотографиите на Флојд, како и на други црномурести луѓе што ги уби полицијата.
Утре е годишнина од смртта на Флојд, а насобраните бараа правда за него и за сите афроамериканци што се убиени како последица на полициското насилство. Меѓу присутните беа и некои високи функционери.
Сестрата на Флојд, Бриџет, изјави дека зад нив била долга и болна година.
Братот на Флојд, Теренс, ги повика присутните да не го забораваат неговиот брат и другите жртви на расистичко насилство.
Флојд беше приведен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да употреби фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување се објавени на социјалните мрежи. Полицајците му ставија лисици и го соборија на земја, а еден од нив, Дерек Шовин, му го притисна вратот со колено, додека Флојд девет минути го молеше да му овозможи да дише.
Флојд почина од последиците на бруталниот обид за апсење, а тој инцидент започна бран антирасистички протести низ САД и светот.