Ekipa
07 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
РИЈАД (АА) - Саудискиот принц Мухамед бин Салман денес истакна дека снабдувањето на јеменските Хуси со проектили од страна на Иран, претставува воен чин против кралството, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доставувањето проектили до бунтовниците Хуси од страна на Техеран би можело да претставува директна воена агресија од страна на иранскиот режим и може да се смета како воен чин против кралството“, се наведува во изјавата на саудискиот принц, цитирана од страна на саудиската новинска агенција „SPA“ (СПА) додека телефонски разговарал со британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон.
Неговите изјави следуваат неколку дена откако силите на воздухопловната одбрана на Саудиска Арабија пресретнаа балистички проектили за кои велат дека во саботата беа истрелани кон главниот град Ријад.
Џонсон, од своја страна, го осуди ракетниот напад од страна на бунтовничкото движење на Хусите кон Ријад и намерното напаѓање на цивилите. Тој ја потврди поддршката на неговата земја за кралството во однос на справувањето со безбедносните закани.
Саудиска Арабија го обвинува Иран за вооружување на Хусите кои во 2014 година зазедоа поголем дел од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Во 2015 година, Саудиска Арабија и арапските сојузници започнаа опсежна воздушна кампања насочена кон промена на воените придобивки на Хусите и зајакнување на Владата на Јемен.
Саудиска Арабија и Иран се големи непријатели во регионот. Иран е главен поддржувач на режимот на Башар ал Асад во Сирија, а пак Саудиска Арабија ја поддржува сириската опозиција.