АНКАРА
На сателитската карта на FIRM, Системот за управување со информации и ресурси за пожари на американската Национална аеронаутичко-вселенска управа (НАСА), со црвени точки се прикажани пожарите што се проширија во многу делови од светот, известува Агенција Анадолија (АА).
На картата може да се забележи дека поголемиот дел од Северна и Јужна Америка, африканското плато, северниот дел на Арапскиот Полуостров, медитеранскиот брег на Европа и Северна и Источна Европа се под влијание на пожари.
Во Азија пак, од шумски пожари зафатени се брегот на Индија, рускиот регион Сибир, Кина, Малезија, Индонезија и Океанија на источниот дел од Австралија.
Додека пожарите во црвено обојуваат голем број шумски региони во светот, покрај Турција, голем број европски земји како Италија, Шпанија и Грција, кои имаат брег на Средоземното Море, исто така се борат со шумските пожари.
Според картата за итни случаи на Комисијата на ЕУ, на која се претставени шумските пожари, големите и малите пожари што го зафатија целиот континент достигнуваат речиси до северниот дел на Русија. На сателитската карта се гледаат пожари со различна големина во земјите на ЕУ, што траат најмалку една недела.
Италија, особено нејзините јужни региони, се борат со многу големи и мали шумски пожари.
Италијанската противпожарна служба соопшти додека повеќе од 800 пожари се случиле во земјата во последните 24 часа, а пожарникарите интервенирале на 250 пожари во Сицилија, 130 во Апулија и Калабрија, 90 во Лацио и 70 во Кампанија.
Во вестите што ги објавија локалните медиуми се наведува дека илјадници хектари земја се пеплосани како резултат на пожарите што избувнаа на островите Сицилија и Сардинија и во различни делови на регионот Калабрија.
Изгореа 20.000 хектари земја, а евакуирани се 1.500 луѓе поради пожарот што избувна на 24 јули во руралните делови на округот Ористано, во западниот дел на островот Сардинија.
За гаснење на пожарите, Италија покрај сопствените авиони, дополнително побара авиони за гаснење пожари и од земјите на ЕУ.
Претседателот на Автономната Управа на Сардинија, Кристијан Солинас, изјави дека во моментов не е можно да се пресмета штетата предизвикана од пожарот и побара итна економска поддршка од централната Влада за да се надоместат загубите.
На 26 јули, најголемиот шумски пожар во последните две години се случи во регионот Каталонија во североисточна Шпанија.
Според вестите што ги објавија локалните медиуми, 1.657 хектари земја изгореле во пожарот во Санта Колома де Кералт во регионот Тарагона, додека 168 луѓе биле евакуирани поради опасност од пожар во населбите што се наоѓаат во регионот.
Претставниците на грчките противпожарни екипи соопштија дека во последните 24 часа избувнале пожари на 58 точки во земјата.
„Пожарите се засилија во регионот Ахаја, чиј центар е градот Патра, на островот Родос и во регионот Софлу на турско-грчката граница.“
Кон населените места се прошири пожарот што избувна на 27 јули во шумската област Стамата, во подрачјето на Општината Дионисос, во близина на главниот град Атина.
Претставници на Општината Дионисос соопштија дека и покрај интервенциите на екипите, ситуацијата во регионот е многу тешка и дека пожарот се приближил до населените места. Во соопштението се наведува дека пожарот е ставен под контрола.
Во пожарот што избувна на 25 јули уништени се 850 хектари земја во францускиот департман Од на југот од Франција, а поради пожарот беше затворен патот меѓу Тулуз и Нарбон.
Од пожарот оштетени се линиите за транспорт на електрична енергија до Франција, Шпанија и Португалија.
Шумскиот пожар што избувна на 17 јули во градот Моншике, во југозападниот дел на Португалија, уништи повеќе од 2.000 хектари земја.
Пожарите во јужниот дел од Романија на границата со Бугарија, во кој спаѓа и Букурешт, главниот град на Романија, членката на ЕУ, на картата се прикажани со црвени точки.
Продолжуваат шумските пожари и во Молдавија и Украина, земјите соседи на Романија.
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), со изгорената површина во Италија, Франција и Романија, уште сега е надминат просекот во однос на периодот 2008-2020 година.
Во Италија оваа година изгореа 53.797 хектари земја, а во пожарите изминатите 12 години е регистрирано дека во просек изгорела површина од 40.781 хектар. Додека во Франција годинава изгореа 22.807 хектари, просекот од претходните години изнесува 9.283 хектари.
Годинава во Романија изгоре површина од 18.620 хектари, додека просекот од изминатите 12 години изнесува 16.082 хектари.
На истата интернет-страница објавено е дека во Босна и Херцеговина, која е меѓу земјите кои не се членки на ЕУ, пожарите пеплосале површина од 25.583 хектари, што е многу блиску до просекот од периодот 2008-2020 година, што изнесува 30.199 хектари.
Во Тунис годинава изгоре површина од 17.599 хектари, со што уште сега е надминат 12-годишниот просек кој изнесува 6.257 хектари.
Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите што во јули избувнаа во руската област Јакутија.
Во соопштението што го објави Сојузната шумарска агенција на Руската Федерација, наведувајќи дека пожарите на 36 локациии вчера се ставени под контрола, се вели: „Заклучно со 1 август, шумските пожари продолжуваат на 217 локации со вкупна површина од 837.813 хектари. 115 од пожарите се во Јакутија, а 51 од нив се во регионите на Иркутск.“
Властите прогласија вонредна состојба во регионот, каде што досега изгореа околу 1.3 милиони хектари шумска површина.
Според информациите што Националниот меѓуинституционален противпожарен центар на САД ги објави заклучно со 1 август, активни се пожарите во државата Вашингтон во северозападниот дел од земјата, во северниот дел на Ајдахо и во западна Монтана.
Со 7-те големи пожари што избија вчера, бројот на активни шумски пожари во САД се зголеми на 91, при што, во пожарите е оштетена површина од над 180.000 хектари.
Во Канада избија 4.891 пожар во 2021 година. Претходно, 10-годишниот просек на пожарите во оваа земја изнесува 3.753 пожари. Во пожарите годинава изгоре површина од 2.758 хектари, додека просекот на изгорена површина во претходните 10 години изнесува 1.736 хектари.
По шумските пожари што го зафатија бразилскиот регион Амазон во 2019 и 2020 година, оваа година пожарите го зафатија регионот Патагонија, најважното природно богатство на Аргентина.
Пожарите, што на 7 март започнаа во близина на автопатот во провинцијата Рио Негро, во северниот дел на Патагонија, се проширија кон север и стигнаа до Буенос Аирес, кој се наоѓа на брегот на Атлантскиот Океан.
Во Индија и голем дел од Кина, монсунските дождови го олеснуваат контролирањето на летните шумски пожари. Сепак, уништувањето на шумите во овие региони е зголемено од разорниот ефект на поплавите предизвикани од поројните врнежи.
Десетици луѓе во двете земји ги загубија животите во поплавите минатата недела.
Австралија, каде што летните шумски пожари пеплосаа површина од над 10 милиони хектари и загинаа над милијарда диви животни во 2019 и 2020 година, оваа година имаше тивко лето во однос на пожарите.
Во текот на летниот период на јужната хемисфера, што се совпаѓа со месеците декември, јануари и февруари, итните повици биле двојно намалени, а помалку земјиште било уништено од пожарите во споредба со претходната година.
Во австралиската државата Нов Јужен Велс, која беше најпогодена од пожарите, минатата година изгоре површина од 5,5 милиони хектари, додека годинава се оштетени 31.000 хектари земја.
news_share_descriptionsubscription_contact
