Eshat Fırat
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - ЕСАТ ФИРАТ - Со одлука на Генералното собрание на ОН од 1977 година, секој 29. ноември се одбележува како Меѓународен ден на солидарноста со палестинскиот народ, но ниту четири децении не беа доволни да се реши тој проблем и да заврши окупацијата и обесправувањето на Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
Израел денес држи под окупација 85 отсто од палестинската територија, а Палестина се простира на само 15 отсто од својата историска територија, и покрај признавањето од страна на 136 земји, сѐ уште нема потполна независност и суверенитет како земја.

Проблемите на Палестинците започнаа со британската окупација по повлекувањето на Османлиите од тоа подрачје. Шефот на дипломатијата на тогашната Велика Британија, Артур Џејмс Балфур, го овозможи масовното доселување на Евреите на палестинската земја. Прашањето на Блискиот Исток сѐ уште е еден од најголемите нерешени пробелми во светот.
Без оглед на фактот што 80 отсто од земјите ја признале независноста и суверенитетот на Палестина, таа земја и понатаму нема полн суверенитет, бидејќи не е признаена од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, Велика Британија и Франција.
Притиснат на Западниот Брег и во Газа и соочен со израелската политика на окупација, блокада и прогон, палестинскиот народ и понатаму се бори за воспоставување меѓународно призната палестинска држава, со Источен Ерусалим како главен град.
Меѓународната заедница декларативно го поддржува решението на прашањето на Блискиот Исток врз основа на воспоставување две независни држави, Палестина и Израел, и тоа Палестина да се простира во границите од 1967 година. Таквото решение официјално го поддржаа и ОН и САД.
Поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун своевремено предупредуваше дека дводржавното решение не е можно без да заврши израелското илегално населување на палестинската земја, дури и без да се направат итни политички отстапки во таа насока.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас неодамна ги обвини властите на Израел дека продолжуваат со илегално населување на Евреите на палестинската земја попречувајќи го воспоставувањето на палестинската земја.
Источен Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа, кои се во границите на Палестина од 1967 година, веќе пет децении се под израелска опсада и блокада.
Палестина има пораспространета дипломатска мрежа во светот во однос на Израел. Моментално, Палестина има вкупно 95 дипломатски мисии, додека Израел има 78.
Иако сѐ уште не стана полноправна членка на ОН, Палестина во 2012 година доби статус набљудувач во таа организација, а на 1. април 2015 година стана членка на Меѓународниот кривичен суд.
Кратко по приемот во членството, Палестина поднесе тужба против Израел пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Во септември оваа година, Палестина ја победи израелската опструкција и стана и членка на ИНТЕРПОЛ.
Палестина соработува и со земјите кои не се официјално признаени, а тоа го прави со посредство на Палестинската ослободителна организација која е дел од палестинско-израелските мировни преговори.
САД неодамна ја предупредија Палестинската ослободувачка организација дека нема да ѝ го продолжи мандатот на работењето во Вашингтон доколку не пристапи кон директни преговори со Израел. Палестинските власти потоа соопштија дека на 21 ноември ги прекинале сите односи со САД.
Статусот на набљудувач во ОН ѝ овозможи на Палестина да стане членка на многу меѓународни организации.