АНКАРА (АА)
- Нури АЈДИН
Процентот на постара популација продолжува да се зголемува низ целиот свет, а Европа е еден од континентите со најстара популација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неделата помеѓу 18-24 март е позната како „Недела на почитување на старите лица“ и на овие датуми се одржуваат настани со цел да се подигне свеста за староста и здравјето на старите лица.
Со случувањата во областа на здравството, зголемувањето на животниот стандард и благосостојбата и намалувањето на наталитетот и смртноста, во светот се зголемува и просечната возраст на населението.
Доколку соодносот на постарата популација со вкупното население надминува 10,0 отсто, тоа се прифаќа како показател за стареењето на населението.
Европскиот континент води меѓу континентите со највисока стапка на постара популација. Луѓето на возраст од 65 и повеќе години најчесто се забележани во земјите со низок и среден приход низ светот.
Се наведува дека бројот на луѓе на возраст од 65 и повеќе, што се сметаат за постари во глобалната структура на населението, се зголемува од ден на ден и дека тоа влијае на речиси секој аспект од општеството.
Околу 1 милијарда од светското население се на возраст од 60 години и повеќе. Стареењето на населението најмногу влијае на системите за социјално осигурување и на економиите на земјите.
- Најголем дел од постарата популација се наоѓа во Европа
Светската популација, која рапидно и значително се зголеми во последните децении, во 1999 година изнесуваше 6 милијарди, во 2011 година достигна 7 милијарди, а според податоците на ОН оваа година светската популација надмина 7,9 милијарди.
Во Азија се наоѓаат 59,33 отсто од светското население, 17,51 отсто во Африка, 9,77 во Европа, 8,37 отсто во Јужна Америка, 4,73 проценти во Северна Америка и 0,56 во Океанија.
Според податоците за 2021 година на компанијата „Статиста“, која обезбедува статистички податоци на интернет, Европа предничи во процентот на повозрасна популација со 19 отсто, потоа следуваат Северна Америка со 17 отсто, Океанија со 13 отсто и Азија и Јужна Америка со 9 отсто.
Африканскиот континент, каде што просечниот животен век е најнизок, со 4 проценти, е континентот со најниска стапка на старо население.
Германија е земја што најмногу придонесува во процентот на старо население во Европа со 17,78 милиони, потоа следуваат Италија со 13,76 милиони, Франција со 13,16 и Англија со 12,24 милиони.
Според ОН, просечниот животен век се зголемил од 46 на 68 години помеѓу 1950 и 2010 година, а оваа стапка се искачила на 73,2 во 2020 година.
Според податоците на „Статиста“ за 2021 година, 26 отсто од светското население се на возраст од 15 години и помалку, а 10 отсто се на возраст од 65 години и повеќе.
- Најголем број стари лица во Кина
Кина со население од 1,4 милијарди е земја со најголем број постара популација со 166 милиони, односно 11,9 отсто. По оваа земја следуваат Индија со 84,9 милиони, САД со 52,76 милиони и Јапонија со 35,58 милиони.
Во однос на просечниот животен век на прво место е Јапонија со 85 години, потоа Швајцарија со 84,25 години, Сингапур со 84,07 и Италија со 84,01 година.
Африканскиот континент се издвојува како регион со најниски стапки на стареење. Централноафриканската Република има најнизок просечен животен век од 54,36 години.
Еден од секои 8 луѓе во светот е на возраст од 60 или повеќе години, а според ОН, бројот на постари луѓе во светот постојано ќе се зголемува бидејќи стапките на фертилитет продолжуваат да опаѓаат и просечниот животен век продолжува да расте.
Се очекува дека бројот на луѓе постари од 65 години ќе достигне 1,5 милијарди во 2050 година, а постарата популација ќе сочинува 22 отсто од светската популација.
Според проценките за населението, се очекува до 2050 година, азискиот континент, кој е домаќин на повеќе од половина од светското население, да придонесе за бројките на постарата популација.
Се проценува дека луѓето на возраст од 60 и повеќе години, што во моментов сочинуваат 12,3 отсто од светската популација, ќе сочинуваат околу 22 отсто од населението до 2050 година.
Зголемувањето на постарата популација на глобално ниво може да донесе поголем товар врз здравствените системи на земјите и да ги зголеми здравствените трошоци.
- Постарата популација во Турција за 5 години се зголемила за 24 отсто
Постарата популација во Турција во 2016 година изнесуваше 6.651.503 лица, а оваа бројка се зголеми за 24 отсто во последните 5 години и достигна 8.245.124 лица во 2021 година.
Соодносот на деца и млади во вкупното население на Турција се намали, додека соодносот на стари лица во вкупното население се зголеми.
Процентот на постарата популација во вкупното население беше 8,3 отсто во 2016 година и се зголеми на 9,7 отсто во 2021 година. Во 2021 година, 44,3 отсто од постарата популација биле мажи, а 55,7 жени.
Во проценките на населението, се предвидува дека процентот на постарата популација ќе биде 11,0 отсто во 2025 година, 12,9 отсто во 2030 година, 16,3 отсто во 2040 година, 22,6 отсто во 2060 година и 25,6 отсто во 2080.