Hacer Başer
11 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
ГАЗА (АА)
‒ МУХАМЕД МАЏИД
Палестинско семејство кое живее на југот на Појасот Газа, кој е под израелска блокада, се обидува да се заштити од студот со палење оган во импровизираната барака каде што живее под многу тешки услови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Семејството Абу Немр, кое брои 10 члена, се бори да преживее во една барака која нема ниту врата во близина на ѓубриште во градот Хан Јунус.
Семејството, кое се обидува да готви и да се загрее со огнот кој го пали со хартии и гранки од дрвја на мангал за јаглен, живее со поддршка на хуманитарните организации.

„Поради невработеноста во Газа, мојот сопруг не може да работи“
Селва Ебу Немр (45), истакнувајќи дека заедно со децата одат секој ден да собираат огревно дрво и предмети од околните депонии, рече:
„Ова го доживуваме секој ден поради тешките економски услови. Поради невработеноста во Газа, мојот сопруг не може да работи. Регионот во кој живееме има потреба од развој и грижа.“
‒ Сонуваат за скромен дом
Наведувајќи дека се крајно вознемирени од тоа што регионот е место каде што се фрла ѓубре, Абу Немр рече дека ѓубрето испушта лош мирис и предизвикува болести.
Абу Немр, исто така, рече дека сонуваат за скромен дом каде што ќе можат да ги задоволат своите основни потреби.

‒ Стапката на невработеност достигна 50,2 отсто
Евромедитеранската организација за човекови права со седиште во Швајцарија, во извештајот објавен во јануари наведе дека хуманитарната криза во Појасот Газа е двојно зголемена поради блокадата.
Во извештајот се наведува дека стапката на невработеност, која во 2005 година пред блокадата изнесуваше приближно 23,6 отсто, на крајот на 2021 година достигна 50,2 отсто.
Исто така, се нагласува дека ова е меѓу највисоките стапки на невработеност во светот.

‒ УНРВА не може целосно да ги извршува своите услуги поради финансиската криза
Томас Вајт, директорот за операции во Газа на Агенцијата на Обединетите нации за помагање на палестинските мигранти (UNRWA), на 3 февруари изјави дека услугите за Палестинците не можат целосно да се исполнат поради финансиската криза во Агенцијата.
Израел го блокира Појасот Газа, каде што живеат приближно 2 милиони Палестинци, од копно, море и воздух од 2006 година.
Луѓето во Газа се соочуваат со тешкотии поради ограничените можности во многу области како што се економијата, здравството и образованието.