Faruk Zorlu
11 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Шведска ги негира тврдењата за малтретирање и злоупотреба на муслиманските деца од страна на социјалните служби во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во моментов е во тек многу агресивна кампања на гласини на различни социјални медиуми ‒ и во Шведска и во странство ‒ во која се тврди дека шведските социјални служби киднапираат, затвораат и сексуално експлоатираат муслимански деца. Овие информации, се разбира, се погрешни и единствената цел е да се создаваат тензии и шири недоверба“, се вели во соопштението на Шведскиот генерален конзулат во Истанбул.
Велејќи дека социјалните служби во земјата вработуваат социјални работници со посебни знаења за потребите на децата, во соопштението се додава: „Во практика, ова може да вклучува поддршка на семејствата во кои еден од родителите се бори со проблеми со менталното здравје или злоупотреба на супстанции. Социјалните служби, исто така мора да ги заштитат децата и родителите кои се подложени на насилство или злоупотреба.“
Пред Парламентот во главниот град Стокхолм, во понеделникот, муслиманските семејства чии деца им беа одземени од социјалните служби, протестираа против малтретирањето и злоупотребата, барајќи од Владата да преземе мерки.
Тие држеа транспаренти на кои пишуваше: „Вратете ни ги децата“, „Децата ни беа одземени, бевме подложни на неправда“ и „Сакаме правда“.
Гласноговорникот на групата рече дека повеќето од децата отишле во семејства кои биле несоодветни или непосакувани за улогата на родителство.
Конзулатот во Истанбул додаде: „Активностите на шведските социјални служби се регулирани првенствено со Законот за социјални услуги, кој се заснова на принципот на доброволност. Сепак, дополнителните одредби во Законот за грижа за младите овозможуваат во одредени случаи да се одлучува за мерките дури и без согласност.“