Ömer Koparan
22 Јули 2018•Ажурирај: 23 Јули 2018
АЛ БАБ (АА) - Со поддршка на Република Турција, локалното Собрание во сирискиот град Ал Баб изгради современ спортски комплекс, јавува Anadolu Agency (AA).
Комплексот содржи фудбалски стадион, кошаркарски и одбојкарски терени, како и полигон за најмладите спортисти и рекреативни играчи.
Вредниот проект, изграден во центарот на сирискиот град, на местото на стариот и опустошен стадион, беше финансиран од градските власти на турскиот Газиантеп.
На отворањето на комплексот беше организиран пријателски фудбалски натпревар, а директорот за спорт во Собранието на Ал Баб, Абу Убеиде, за АА рече дека локалните жители, по долгогодишната окупација од страна на терористичката организација ДЕАШ, имаат можност конечно да присуствуваат и на спортски натпревари.
Стадионот има трибина со капацитет до 2.500 гледачи, а фудбалерот Мухенед Хабеш, рече дека е среќен што за првпат игра на вештачки терен, бидејќи досега тренирал на тврд земјен терен на уништениот стадион.
„Порано немавме ни трибина за гледачите; ѝ благодарам на Турција и на локалните власти за овој проект. Среќни сме, бидејќи, без страв од напад, можеме да играме фудбал“, рече Хабеш.
Во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и во соработка со бунтовничката Слободна сириска војска, турските вооружени сили во февруари минатата година го ослободија Ал Баб од ДЕАШ.
Контролата во градот на западниот брег на реката Еуфрат ја држат турските сили и сириските опозициски борци.