Rania R.a. Abushamala
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Џаред Кушнер, висок советник и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, планира следната недела да го посети Израел заедно со Николај Младенов, висок претставник на Одборот за мир за Газа, на разговори за унапредување на американскиот план за енклавата, објави вчера „Аксиос“, јавува Анадолу.
Планираната посета ќе биде прва на Кушнер на Израел од јануари, објави медиумот што се повикува на пет извори запознаени со планот.
Кушнер и Младенов имаат намера да се сретнат со премиерот Бенјамин Нетанјаху и други израелски претставници во обид да постигнат договори за спроведување на следните фази од планот во наредните месеци, се додава.
Во неделата Нетанјаху го отфрли Планот од 15 точки за Газа, одобрен од Одборот за мир и прифатен од Хамас, инсистирајќи дека палестинската група мора да биде разоружена пред да се спроведе какво било натамошно израелско повлекување од енклавата.
Тој ја даде оваа изјава и покрај Мапата на патот што Одборот ја објави на 31 јули, со што се предвидува разоружувањето на Хамас и постепеното израелско повлекување да се одвиваат паралелно.
„Се согласуваме за стратегиската цел, но Израел изрази одредени сомненија во врска со планот и сакаме да разговараме со нив за да се осигуриме дека сме координирани“, изјавил американски претставник, цитиран од „Аксиос“.
Белата куќа не сака израелските избори да ја закочат имплементацијата на следната фаза од планот, наведува медиумот.
Друг американски претставник изјавил дека администрацијата на Трамп ги разбира политичките потреби на Нетанјаху.
„Немаме проблем со тоа сè додека тој продолжува да го прави она што го бараме – особено во однос на воздржувањето од напади врз Газа“, бил цитиран претставникот.
Претставникот на Хамас, Гази Хамад, претходно за Анадолу изјави дека договорот предвидува „складирање на тешкото оружје“ под надлежност на Националниот комитет за управување со Газа, паралелно со напредокот во другите компоненти на договорот.
Мапата на патот, исто така, предвидува пренесување на управувањето со Газа на палестински технократски комитет, распоредување меѓународни сили за стабилизација и ставање на оружјето под надлежност на националниот комитет со меѓународен надзор.
Овие мерки би се спроведувале паралелно со фазното израелско повлекување и обновата.
Од октомври 2023 година во израелската војна во Газа, поддржана од САД, загинале околу 73.000 Палестинци, а повеќе од 174.000 се повредени, од кои повеќето жени и деца. Во офанзивата, исто така, се оштетени или уништени речиси 90 отсто од инфраструктурата на енклавата.