Ekipa
02 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Советот за човекови права на Обединетите нации усвои три резолуции во корист на Палестина, меѓу кои и резолуцијата за осуда на постапките на еврејските доселеници во окупираните палестински територии, вклучително и во Источен Ерусалим (Источен Кудс) и Голанската Висорамнина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Триесет и пет резолуции беа прифатени на последниот ден од 49-тата седница на Советот што заседаваше од 28 февруари до 1 април во Канцеларијата на ОН во Женева.
Пакистан изнесе резолуции во врска со Израел и Палестина во име на Организацијата за исламска соработка и сите беа усвоени со значително мнозинство гласови.
Претседателот на Советот за човекови права, Федерико Вилегас, истакна дека тоа била најдолгата седница во историјата на Советот, во траење од пет недели.
„Во резолуцијата за правото на палестинскиот народ на самоопределување, Советот го потврди правото на палестинскиот народ да живее во слобода, правда и достоинство и правото за своја независна држава Палестина“, соопшти Советот.
Државите беа повикани да ги реализираат своите обврски за непризнавање, непружање помош во однос на сериозните прекршувања на нормите на меѓународното право од страна на Израел и да донесат мерки за промовирање на реализирањето на правото за самоопределување на палестинскиот народ и да им помогнат на ОН во извршувањето на своите обврски за спроведување на тоа право.
- Еврејските населби -
Донесена е уште една резолуција за еврејските населби на окупираната палестинска територија, меѓу која и за Источен Кудс и окупираната сириска Голанска Висорамнина.
Советот потврди дека израелските населби формирани во 1967 година на окупираната палестинска територија, вклучително и Источен Кудс, и окупираната сириска Голанска Висорамнина се нелегални според меѓународното право.
Се наведува дека тие претставуваат значителна пречка за постигнување дводржавно решение и за праведен, траен и сеопфатен мир.
Во резолуцијата за човековите права на Голанската Висорамнина, Советот изрази жалење за практиките на израелските власти кои ги прекршуваат човековите права на сириските граѓани на Голанската Висорамнина.
Советот побара од челникот на ОН да ја пренесе оваа резолуција пред сите влади, надлежните органи на ОН, специјализираните агенции, меѓународните и регионалните меѓувладини организации и меѓународните хуманитарни организации.
Извештајот доставен до Советот од страна на Високиот комесаријат за човекови права на ОН го покажува зголемувањето на бројот на еврејски населби, кршењето на правата и уништувањето на приватниот имот.
Во извештајот, што ги следи нелегалните населби во периодот меѓу 1 ноември 2020 година и 31 октомври 2021 година, се вели дека Израелците го зголемиле бројот на населби на Западниот Брег и Источен Кудс.
Се наведува и дека бројот на приватни имоти уништени од Израел на окупираните палестински територии достигнал највисоко ниво што е досега забележано од ОН, додека се истакнува дека израелските безбедносни сили не ги заштитиле Палестинците од насилството на еврејските доселеници.