Ömer Tuğrul Çam
16 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
БРИСЕЛ
Лидерите на земјите од Европската Унија (ЕУ) на последниот Самит во 2021 година ќе разговараат за голем број прашања како што се Русија, цените на енергијата, појавата на Ковид-19, миграцијата и безбедноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Германскиот канцелар Олаф Шолц, австрискиот канцелар Карл Нехамер и премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, за првпат откако ја презедоа функцијата, присуствуваат на Самитот на лидерите на ЕУ што се одржува во Брисел, Белгија.
Во текот на еднодневниот состанок ќе се разговара за прашања како што се мобилноста на Русија на украинската граница, Белорусија и прашањето за мигрантите, епидемијата на Ковид-19, вакцинацијата против Ковид-19, зголемувањето на цените на енергијата и инфлацијата.
Едно од најважните прашања е прашањето за Русија. По нејзината мобилизација на украинската граница, се очекува лидерите на ЕУ да испратат порака до Москва дека „за секоја можна агресија ќе се соочат со мерки, вклучително и економски санкции“.
Лидерите денеска ќе разговараат за каков вид санкции ќе стане збор.
Лидерите на ЕУ, пред да започне состанокот дадоа пораки за поддршка на Украина.
Германскиот канцелар Шолц изјави дека границите на Украина не можат да бидат прекршени, „Уште еднаш ќе нагласиме дека границите не можат да се прекршуваат, дека тоа е основата на европскиот мир. Исто така, ќе нагласиме и дека заедно ќе направиме сѐ за да обезбедиме неповредливост на границите.“
Литванскиот претседател Гитанас Науседа, барајќи остар одговор против Русија, рече дека Европа се соочува со можеби најопасната ситуација во последните 30 години, со развојот на настаните на Балтикот, источното крило на НАТО и на границата со Украина.
„Мораме да направиме сѐ да го избегнеме најлошото сценарио. Најлошото сценарио е можна воена интервенција на украинска територија“, рече Науседа.
На Самитот ќе бидат разгледани и прашања како што се мерките против Ковид-19 што треба да се применат при патувањата, ситуацијата со варијантата Омикрон, зголемувањето на процентот на вакцинацијата и заедничкото купување лекови, исто како што тоа се правеше при купување вакцини против Ковид-19.
Економските прашања како што се поскапувањето на енергијата во последните месеци и инфлацијата во земјите од ЕУ, исто така, ќе бидат на масата на лидерите.
Исто така, ќе се разговара и за заедничката изјава на ЕУ - НАТО, која се очекува наскоро да биде објавена и со која ќе се оценат безбедносните и одбранбените прашања, а ќе стане збор и за односите со Африка пред Самитот ЕУ - Африка што ќе се одржи во февруари.