Ömer Tuğrul Çam
23 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на 30-те земји членки на НАТО ќе се сретнат за да разговараат за ситуацијата по нападот на Русија врз Украина и долгорочниот став на НАТО во Источна Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ќе присуствува и на Самитот на лидерите на НАТО што ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел, Белгија.
Се очекува претседателот на Украина, Владимир Зеленски, да се обрати со видеоконференција и да побара зона на забранети летови и набавка на системи за противвоздушна одбрана од НАТО.
На вонредниот состанок лидерите ќе разговараат се случувањата по рускиот напад на Украина.
Во својата изјава по повод најавувањето на Самитот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече: „Ќе разговараме за последиците од руската инвазија на Украина, за нашата силна поддршка за Украина и натамошното зајакнување на одбраната на НАТО во услови на новата реалност во нашата безбедност.“
Од ноември 2021 година НАТО реагираше на военото трупање на Русија на украинската граница и зголемувањето на нејзиното присуство во Источна Европа.
Овие потези се забрзаа откако Русија започна напад врз Украина на 24 февруари.
Беше извршено засилување на мултинационалните борбени единици во балтичките држави и Полска. Во регионот беа испратени и голем број воени авиони и воени бродови. Војници беа распоредени и во Романија, каде што НАТО претходно немаше борбена единица.
Според информациите што Столтенберг ги даде пред две недели, во рамките на мерките преземени против Русија, 130 авиони на НАТО се во висока готовност, 200 брода од далечниот север до Медитеранот и илјадници дополнителни војници се во Источна Европа или во нејзина близина.
НАТО ги мобилизира силите за одговор за првпат во својата историја по тензиите со Русија.
На состанокот на министрите за одбрана на НАТО одржан на 16 март, се разговараше за долгорочното позиционирање на Алијансата во Источна Европа.