Emel Öz Gözellik
15 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Претставници на Јужна и Северна Кореја се сретнаа во демилитаризираната зона Панмунџом да разговараат за имплементацијата на договорите постигнати во септември меѓу претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција „Јонхап“ (Yonhap) јавува дека делегациите предводени од јужнокорејскиот министер за обединување, Чом Мјонг Гион, и претседателот на севернокорејскиот Комитет за мирно обединување, Ри Сон Гвон, разговарале за неколку теми.
Во соопштението на јужнокорејското Министерство за обединување се наведува дека наскоро на ниво на генерали ќе биде одржан состанок на кој ќе се разговара за намалувањето на тензиите на границата и формирање заеднички воен комитет.
Кажано е и дека претставниците што се состанале во Панмунџом постигнале договор за организирање церемонија за поставување темели на заедничкиот проект чија цел е спојување на железничкиот и патен систем, планирана за крајот на ноември или почетокот на декември.
Договорена е и средба на спортските претставници од двете страни кон крајот на октомври, со цел да разговараат за кандидатурата за домаќин на Летните олимписки игри 2023 година и испраќање заеднички тим на Летните олимписки игри 2020.
Јужнокорејскиот претседател, Мун Џае Ин, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, на 27 април се состанаа во демилитаризираната зона Панмунџом. Кон крајот на самитот е соопштено дека е постигнат договор за почеток на преговорите за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и претворање на моменталното примирје во траен мир.
Мун и Кин се сретнаа и на 26 мај кога разговараа за мировниот процес меѓу двете земји.
Лидерите на Северна и Јужна Кореја по третпат се сретнаа во септември, кога беше објавен и заеднички документ со кој е ветено дека ќе бидат продолжени заедничките напори за постигнување мир меѓу двете земји.
Кажано е дека доколку САД ги преземат потребните чекори, Северна Кореја ќе преземе уште повеќе чекори кога станува збор за денуклеаризација на Полуостровот.
Истакнато е и дека Северна Кореја и Јужна Кореја на меѓународните светски натпреварувања ќе продолжат заедно да настапуваат и дека заедно ќе работат на тоа да бидат домаќини на Летните олимписки игри 2030 година.