Emre Karaca
17 Јули 2019•Ажурирај: 21 Јули 2019
АНКАРА (AA) - Стапката на радијација измерена во некои области на Маршалските Острови во Тихиот Океан, каде што САД спроведоа нуклеарни тестови помеѓу 1946 и 1958 година, е поголема од стапката на радијација во нуклеарните централи „Чернобил“ и „Фукушима“, каде што се случија несреќи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според вестите на „Си-ен-ен“ (CNN), истражувањето на американскиот Универзитет „Колумбија“ покажало дека Владата на САД помеѓу 1946 и 1958 година на некои корални острови извршила 67 нуклеарни тестови и дека на тие острови стапката на радијација е поголема од стапката на радијација во нуклеарните централи „Чернобил“ и „Фукушима“, каде што се случија несреќи.
Истражувачите истакнуваат дека и покрај тоа што поминале повеќе од 60 години од нуклеарните тестирања, во некои области на Маршалските Острови стапката на радијација е на ниво на алармантна состојба и дека е од 10 до илјада пати повисока од измерените вредности во близина на нуклеарните централи „Чернобил“ и „Фукушима“.
Истражувачите, исто така, посочуваат дека тестот за водородна бомба направен на коралниот остров Бикини на Маршалските Острови во 1954 година покажал дека е илјада пати посилна од бомбите фрлени во Јапонија за време на Втората светска војна.
Според истражувачите, стапката на радијација измерена на островот Бикини е најголема во тој регион.
Луѓето од островот Бикини биле подложени на присилно раселување во 1946 година. Откако Владата на САД изјавила дека островот е безбеден за живеење, луѓето повторно се вратиле на островот. Но поради високата стапка на радијација морале повторно да мигрираат. Еден дел од населението во наредните години како резултат на радијацијата заболел од рак.
Од 1946 до 1992 година, САД извршиле вкупно 1.054 нуклеарни тестови на различни локации.