İlayda Çakırtekin
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Британскиот премиер Кир Стармер денес изјави дека нема да се повлече од функцијата откако првичните резултати од локалните избори во Велика Британија покажаа дека Лабуристичката партија го губи водството во локалните совети, додека партијата Реформ УК бележи голем пораст, јавува Анадолу.
„Нема да заминам и да ја турнам земјата во хаос“, изјави Стармер за новинарите додека пристигнуваа првите резултати, пренесува „Би-би-си“.
Осврнувајќи се на победата на лабуристите на општите избори во јули 2024 година, Стармер истакна дека гласачите му дале петгодишен мандат.
„Тоа е петгодишен мандат за промена на земјата“, рече тој.
На прашањето дали има намера да учествува на следните општи избори, Стармер одговори: „Да. Бев избран за петгодишен мандат и имам намера да го исполнам до крај“.
Тој призна дека резултатите се тешки за лабуристите и додаде дека партијата треба да „размисли“ и да „одговори“.
Додека пребројувањето на повеќето гласови сè уште трае, Реформ УК води со освоени 398 места.
Конзервативната партија и Лабуристичката партија се речиси изедначени со 256, односно 253 места, додека Либералните демократи се со 249 места.
Лидерот на Реформ УК, Најџел Фараж, ги опиша првичните резултати како „вистински историски пресврт во британската политика“, пренесува „Скај њуз“.
„Толку сме навикнати да размислуваме за политиката во рамките на левицата и десницата, а сепак она што Реформ успеа да го направи е да победи во области кои отсекогаш биле конзервативни“, изјави тој.
На локалните избори во Велика Британија се гласа за околу 5.000 места во 136 локални совети.
Се одржуваат и шест избори за градоначалници во Вотфорд и во пет лондонски општини: Кројдон, Хакни, Луишам, Њуам и Тауер Хамлетс.
Повеќето совети започнаа со пребројување на гласовите денес, а конечните резултати се очекуваат до сабота.
Гласачите во Шкотска и Велс исто така гласаа на парламентарни избори, иако пребројувањето таму сè уште не е започнато.
Во Шкотска, сите 129 членови на шкотскиот Парламент – Холируд – се на реизбор, вклучувајќи 73 пратеници од изборните единици и 56 регионални членови.
Во Велс, гласачите ја избираат следната велшка Влада и членовите на Сенед (Парламентот), во она што се опишува како најголема промена во Парламентот откако започна преносот на надлежностите на Велс во 1999 година.