Aida Cako
28 Април 2025•Ажурирај: 29 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) - Стотици демонстранти се собраа на Плоштадот на Републиката во Париз вчера за да ја осудат исламофобијата и да му оддадат почит на Абубакар, муслиман кој беше убиен во напад во џамија во францускиот регион Гард, јавува Анадолу.
Протестот беше организиран по повик на пратеникот на партијата Непокорена Франција, Антоан Леомон, кој повика на марш за солидарност преку социјалните мрежи.
Тој ги повика граѓаните да се приклучат на собирот, нагласувајќи дека никој не смее да биде изложен на закани или насилство поради својата верска припадност.
Абубакар, 24-годишен верник, беше избоден до смрт на 25 април во џамијата Хатиџе во градот Ла Гран-Комб, пренесуваат локалните медиуми.
Напаѓачот повеќе пати го избодел со нож, го снимал нападот со мобилен телефон и извикувал навреди кон исламот за време на нападот.
Истражителите разгледуваат дали се работи можеби за исламофобичен мотив, според локалните медиуми.
Јавниот обвинител на Алас, Абделкрим Грини, изјави дека Националното антитерористичко обвинителство (Pnat) го следи случајот, иако сè уште формално не го презело.
Грини додаде дека жртвата била редовен посетител на џамијата во населбата Трескол, која е дел од Ла Гран-Комб, додека осомничениот никогаш претходно не бил забележан таму.
Безбедносните камери во и околу џамијата го снимиле осомничениот, кој, според досегашните информации, не бил познат ниту на локалните жители, ниту на верниците.