Emre Aytekin
18 Август 2021•Ажурирај: 21 Август 2021
АНКАРА (АА) - По повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од Авганистан, се тврди дека талибанците, кои ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата, ги заплениле биометриските уреди за идентификација од американската Армија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на веб-страницата „The Intercept“, што се базира на службеник на американската Заедничка специјална операција и на 3 поранешни воени лица, некои од овие уреди се запленети од организацијата за време на нападите на талибанците минатата недела.
Постои загриженост дека уредите што овозможуваат идентификување на карактеристични биолошки информации, како што се скенирање на ретина и отпечатоци од прсти, би можеле да ги откријат Авганистанците кои работат за коалициските сили.
Уредите, наречени „Рачна интерагенциска опрема за идентификација (HIIDE)“, имаа пристап до голема база на податоци за авганистанското население.
Покрај тоа што уредите се произведени за да ги следат терористите и бунтовниците, американската Војска ги користеше овие уреди за да ги идентификува обичните цивили, војниците, како и цивилите што работат за нив.
„Секојдневно идентификувавме илјадници домашни лица за да заплениме самоубиствени елеци, оружје и да добиеме разузнавачки информации. Рачната интерагенциска опрема за идентификација (HIIDE) исто така се користеше за да се идентификуваат луѓето што работат за коалицијата“, рече поранешно воено лице.
Поранешниот службеник на Специјалните сили истакна дека на талибанците ќе им требаат дополнителни алатки за обработка на биометриските податоци, но дека тоа би можеле да го направат со помош на тајните служби на земјите што ги поддржуваат, како што е Пакистан.
Американската разузнавачка агенција за одбрана, која ги произведува уредите, во врска со наводите истакна дека треба да се побара изјава од Министерството за одбрана. Министерството за одбрана одби да даде изјава.
Сè уште не е познато колку биометриски податоци на авганистанското население се снимени со овој метод и колку од информациите биле запленети од талибанците.