Muhammed Emin Canik
08 Мај 2024•Ажурирај: 09 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Владата во Појасот Газа соопшти дека тела на 49 Палестинци ексхумирани од третата масовна гробница се откриени по повлекувањето на израелската Армија од болницата Ал Шифа во градот Газа, јавува Анадолу.
„Медицинските тимови досега открија трета масовна гробница во болничкиот кампус Шифа, а досега се извлечени телата на 49 Палестинци и работата продолжува“, се вели во соопштението на Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа.
Во соопштението се наведува дека за време на минатомесечната окупација на болницата, израелските војници заробиле и егзекутирале неколку Палестинци.
„Работата не е завршена и чекаме да се најдат десетици нови тела“, се вели во соопштението.
Бројот на убиени Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа, обвинети за геноцид, се зголеми на 34.844, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата.
Во нападот се ранети најмалку 78.404 лица, соопшти Министерството.
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според податоците на Обединетите нации, израелските напади врз палестинската енклава принудија 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат, предизвикувајќи акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.