Riyaz Khaliq Khaliq
02 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
СРИНАГАР (АА) - Голем контингент на индиската полиција и паравоените сили беа распоредени во и околу главниот град Сринагар, набргу откако синоќа доцна се прошири веста за смртта на високиот кашмирски лидер Сијед Али Гилиани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гилани (91) почина околу 22 часот во неговиот дом во Сринагар, каде што беше во притвор во поголемиот дел од изминатата деценија.
Полицијата побрза да објави дека се воведени ограничувања во регионот и дека на погребот ќе им биде дозволено да присуствуваат само членовите на семејството и блиските соседи, и спротивно на волјата на Гилани, кој сакаше да биде погребан на гробиштата на шехидите - најголемите гробишта во Кашмир во главниот град.
Портпаролот на Гилани преку Твитер истакна дека властите подготвиле гробно место внатре во џамијата во близина на резиденцијата на Гилани во областа Хидерпора.
Шефот на полицијата во Кашмир, Виџај Кумар, за новинарите во Сринагар изјави дека се воведени ограничувања во регионот.
„Само на неговото семејство и роднините ќе им биде дозволено да учествуваат во погребните молитви“, рече тој.
Новинар, под услов да биде анонимен, за Агенција Анадолија изјави дека полицијата побарала од него и другите новинари да го напуштат местото.
Сепак, неколку млади лица успеаја да стигнат пред куќата на Гилани, каде што беа распоредени стотици сили за да спречат можни демонстрации.
Смртта на Гилани се смета за голем удар за антииндискиот отпор на Кашмир, бидејќи тој водеше неколку побуни од почетокот на 2000 година, по деценија интензивно вооружено востание.
Кашмирскиот лидер ја започна својата политичка кариера од Џамат-е-Ислами Џаму и Кашмир, од каде што се приклучи на Конференцијата за сите партии - Хуријат - група на партии за слобода во Кашмир, управувана од Индија, кои бараат право на самоопределување.
Подоцна во 2004 година, тој го формира Движењето за слобода заедно со Мухамед Ашраф Сехрај, кој почина во притвор во мај.