Hakan Çopur
06 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, изјави дека за политичко решение на сириското прашање, неопходно е страните да работат заедно, и Русија да има посебна одговорност да даде поддршка во овие напори, јавува Anadolu Agency (AA).
Тилерсон во пишана изјава се осврна на ситуацијата во Сирија.
Тој порача дека решавањето на сириското прашање ќе биде една од главните теми на разговорите на претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин за време на Самитот Г20, кој ќе започне утре во Хамбург.
Тој, исто така, истакна дека сирискиот процес е особено важен и кога е во прашање борбата против терористичката организација ДЕАШ, и додаде:
„Страните во Сирија мораат да обезбедат стабилност на теренот. Ако во Сирија не се вопостави безбедност, може да се случи да не го довршиме нашиот процес на елиминирање на ДЕАШ. Освен тоа, страните треба да работат низ еден политички процес што ќе му го покаже патот на сирискиот народ“.
Тој се осврна и на улогата на Русија во Сирија, и порача дека оваа земја има значајна улога со оглед на тоа што му дава поддршка на режимот на Асад.
„Русија има посебна одговорност да даде поддршка кога се во прашање напорите за решавање на сириското прашање“, нагласи шефот на американската дипломатија.
Тилерсон додаде дека иако условите не се идеални за воспоставување стабилност, битно е да се искористат сите можности и да не се дозволи повторно да оживее ДЕАШ и другите терористички организации.
Тој порача дека САД и Русија, и покрај сите меѓусебни несогласувања, имаат потенцијал да ги координираат своите чекори во Сирија.
Тилерсон смета дека Русија, како земја-гарант на режимот на Асад, мора да биде сигурна дека потребите на сирискиот народ се задоволени и оти контролата над регионите што се исчистени од ДЕАШ не ја презеле други групи.
На крајот, тој додаде дека Русија исто така има одговорност и да го спречи режимот на Асад за да не дојде до каков било напад со хемиско оружје.