Vakkas Doğantekin
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ВАШИНГТОН (АA) - Американскиот претседател ја критикуваше надворешната политика на неговата земја во Ирак и Сирија, велејќи дека неговата администрација ќе се фокусира на поправањето на инфраструктурата на Америка, наместо да се бори во „бесконечни војни“.
За време на двочасовниот говор на конференцијата на Конзервативната политичка акција (CPAC), Доналд Трамп рече дека ДЕАШ ќе биде стопроцентно поразена за ден или два, и ја повтори одлучноста на неговата администрација за повлекување на американските трупи.
„Ќе оставиме мала група таму, но сакаме да ги вратиме нашите луѓе дома. Време е“, рече Трамп на годишниот настан во комплексот „National Harbor“ во Мериленд.
„Требаше да бидеме во Сирија 4 месеци, но завршивме 5 години. Смешно.“
Тој ги критикуваше политиките за Блискиот Исток на поранешните влади на САД, потсетувајќи на својата прва посета на Ирак во 2017 година, кога поради безбедносни причини, морале да ги исклучат сите светла на воениот авион пред да слетаат.
„Потрошивме седум билиони долари (според долгата – континентална скала, или 7 трилиони долари според скратена – англосаксонска скала) на Блискиот Исток, а не можеме да спуштиме авион со запалени светла 20 години подоцна“, рече Трамп.
Тој, исто така, го критикуваше својот поранешен секретар за одбрана, Џејмс Матис и другите генерали во Сирија и Ирак, дека се премногу бавни во поразот над ДЕАШ, и истакна дека за тоа што се случува, дознал многу повеќе од војниците, отколку од генералите.
Трамп додаде дека нема да биде претседател кој ќе седи зад своето биро, најавувајќи директно вклучување во сите воени политики и посветеност на големото повлекување од Блискиот Исток.