Hakan Çopur
05 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
ВАШИНГТОН
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги изненади своите поддржувачи што го чекаа пред Воената болница „Волтер Рид“, каде што беше хоспитализиран во петокот откако се зарази со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп, најпрвин на својот профил на Твитер сподели видеопорака, каде што истакна дека е подобар и дека им се заблагодарува на сите што се грижат за него.
Изјавувајќи дека научил многу работи за болеста Ковид-19 откако се заразил, Трамп рече: „Ова е вистинско училиште. Тоа го разбрав, го научив. Тоа е многу интересно и ќе го споделам со вас.“
„Веројатно ќе имам мало изненадување за луѓето што ме чекаат пред болницата да ме поддржат“, истакна Трамп во видеопораката.
Во моментот кога беше споделена видеопораката, Трамп се појави на улицата пред болницата придружуван од возилата на Тајната служба. Тој од своето службено возило ги поздрави неговите поддржувачи што го чекаа пред болницата.
Трамп носеше маска во службеното возило.
Ваквата ненадејна појава на Трамп одеднаш се најде во центарот на вниманието на социјалните мрежи.
Од друга страна, заменик-портпаролот на Белата куќа, Џуд Дир, даде писмена изјава во врска со појавата на Трамп, која беше изненадувачка.
„Претседателот Трамп направи кратка прошетка за да ги поздрави своите поддржувачи надвор и повторно се врати во претседателскиот апартман во Болницата Волтер Рид“, нагласи заменик-портпаролот.