Gülbin Yıldırım
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Претседсателот на САД, Доналд Трамп ја критикуваше компанијата „Нордстром“ по нејзината одлука да не ги продава креациите на неговата ќерка Иванка, јавува Anadolu Agency (AA).
На неговиот личен профил на „Твитер“, Трамп сподели дека е извршена неправда врз неговата ќерка Иванка Трамп.
„Извршена е голема неправда врз мојата ќерка Иванка од страна на ‘Нордстром’. Таа е совршен човек и секогаш ме насочува да постапам правилно. Срамно!“ напиша Трамп во својот твит, кој за неколку часа беше споделен од страна на илјадници корисници.
Меѓу нив многу внимание привлече и корисничкото име на Претседателството на САД, „@POTUS“. Во текот на споделувањата на твитот, регистрирани беа краткорочни загуби на акциите на компанијата.
Компанијата „Нордстром“ има синџир на луксузни продавници во САД. Минатата недела, компанијата најави дека ќе ја прекине продажбата на производите од колекцијата на Иванка Трамп, во кои спаѓаат облека, чевли, накит и парфеми.
- Не задоцнија критиките за односите од интерес -
Критиките споделени на „Твитер“ од страна на Доналд Трамп кон компанијата „Нордстром“, повторно ги доведоа на дневен ред критиките за односите од интерес. Во тие критики се истакнува дека функцијата како претседател на САД не смее да се користи за лични интереси или за интересот на неговото семејство, и дека Трамп со својот твит го прекршил тоа правило.
Кејтлин Кларк, професорка по право при Универзитетот во Вашингтон и експерт за јавна етика, појасни дека објавата на Трамп на социјалните мрежи е проблематична, затоа што ќе ги одврати и другите компании што планираат да престанат со продажбата на креациите на Иванка Трамп.
„Ова е јасна закана дека Трамп може да ги искористи сите ингеренции за освета против ‘Нордстром’ или против секој што ќе се спротивстави на неговите интереси“, рече Кларк, додавајќи дека уште позагрижувачко е споделувањето на твитот од официјалното корисничко име на Претседателството на САД.
Од друга страна, портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер застана во одбрана на твитот на Трамп. „Неприфатливо е гневот на одредени луѓе кон Трамп, поради неговите одлуки, да се насочува кон семејството на Трамп. Претседателот Трамп го има секое право за одбрана на членовите на неговото семејство“, изјави Спајсер, кој посочи дека одлуката на „Нордстром“ е политичка.
Синџирот продавници минатата недела соопшти дека одлуката е донесена поради ниската продажба, а по твитот на Трамп и изјавата на портпаролот на Белата куќа, нема издадено ново соопштение.
Во текот на последниот месец, „Нордстром“ е петта компанија што ги тргна креациите на Иванка Трамп од своите продавници.