Asiye Latife Yılmaz
27 Март 2025•Ажурирај: 28 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес упати закани кон ЕУ и Канада за значителни зголемувања на царините доколку тие соработуваат да ѝ наштетат на економијата на САД, јавува Анадолу.
„Доколку Европската Унија соработува со Канада за да ѝ наштети на економијата на САД ќе бидат воведени големи царини, значително поголеми од оние што моментно се планирани за да го заштитиме најдобриот пријател што тие две земји некогаш го имале!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушал.
Трамп вчера потпиша извршна наредба со која воведува 25 отсто царини на увозот на странски автомобили и лесни товарни возила, продолжувајќи со својата агресивна политика на зголемување на давачките за увоз.
Објавата на Трамп предизвика моментна реакција и загриженост кај клучните трговски партнери.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази жалење поради воведувањето на новите царини.
„Длабоко жалам за одлуката на САД да воведат царини на извозот на автомобили од ЕУ. Царините се даноци – лоши за бизнисите, уште полоши за потрошувачите и во САД и во ЕУ“, изјави таа на платформата X.
Премиерот на Канада, Марк Карни, го нарече овој потег „директен напад“ врз канадските работници.
„Ќе ги одбраниме нашите работници. Ќе ги одбраниме нашите компании. Ќе ја одбраниме нашата земја – и заедно ќе го направиме тоа“, рече Карни.