Barry Ellsworth
05 Април 2024•Ажурирај: 11 Април 2024
ТРЕНТОН (АА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо ги осуди коментарите на својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху истакнувајќи дека воздушен напад врз хуманитарни работници „не се случува така едноставно“, објави државната телевизија Си-би-си њуз, пренесува Анадолу.
Нетанјаху во видеоснимка изјави дека воздушниот напад во кој загинаа седуммина хуманитарни работници на невладината организација Светска централна кујна (СЦК) претходно оваа недела е „трагичен случај во кој нашите сили ненамерно гаѓале невини луѓе во Појасот Газа“.
„Ова се случува во време на војна“, додаде Нетанјаху.
Меѓу жртвите имаше и лице со двојно канадско-американско државјанство.
Трудо ги осуди изјавите: „Не, тоа не се случува така едноставно“, рече тој за време на настан во Винипег. „И тоа не треба да се случи само кога имате хуманитарни работници од една извонредна организација како Светска централна кујна што ги ризикуваат своите животи секој ден на многу опасно место за да доставуваат храна до луѓето што доживуваат ужасна хуманитарна катастрофа.“
Претходно Трудо повика на истрага за инцидентот.
„Ни треба целосно отворена, транспарентна, независна и брза истрага за тоа што се случи“, рече тој. „Реалноста е дека ни треба многу поголема хуманитарна поддршка за да дојдеме во Газа, многу поголема заштита на цивилите, на невините и на хуманитарните работници.“
„Затоа ни треба хуманитарен прекин на огнот. Ни треба Хамас да го положи оружјето. Ни треба заложниците да бидат ослободени и ни треба прекин на огнот за да се овозможи оваа хуманитарна катастрофа да заврши колку што е можно побрзо.“
Непрофитната организација што обезбедува оброци за заедниците при катастрофи и во воени зони повика на независна истрага за убивањето на нејзините вработени, велејќи дека израелскиот акт во понеделникот бил „воен напад што се состоеше од повеќекратни напади и целеше три возила на Светска централна кујна“.
Досега Израел уби повеќе од 33.000 Палестинци, повеќето жени и деца, во Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1.200 лица.