Diyar Güldoğan
22 Октомври 2022•Ажурирај: 23 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Шефот на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, изјави дека меѓународната заедница би требало да преземе конкретни чекори во борбата против исламофобијата, заканата со која се соочува целиот свет, известува Агенција Анадолија (АА).
„Навистина, една од денешните глобални закани несомнено е исламофобијата. Непријателството кон исламот и муслиманите е интензивно евидентирано во целиот свет“, рече Алтун синоќа во своето обраќање на 12. Конференција на министри за информации на Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Во текот на Конференцијата во Истанбул, министрите и високорангираните претставници од 57 земји ќе разговараат како да ја продлабочат соработката во областа на медиумите, комуникациите и информирањето во исламскиот свет.

Конференцијата се одржува на тема „Борба против дезинформација и исламофобија во ера на поствистина“, а Алтун рече дека дезинформациите го забрзуваат ширењето на исламофобијата низ светот.
„Исламофобијата исто така, има обележје со кое се дели светската заедница и го загрозува глобалниот мир и стабилност. Затоа, целиот свет треба да ја уочи исламофобијата како отворено злосторство од омраза, злосторство против човештвото и ефикасно да се бори против ова злосторство. Со други зборови, борбата против ова злосторство треба да биде една од главните должности, не само на муслиманите, туку и на меѓународната заедница“, порача Алтун.
Тој нагласи дека е непобитна и улогата што ја имаат меѓународните медиуми и глобалните тинк-тенкови во ширењето на исламофобијата.
„За жал, меѓународните медиуми презентираат исклучително негативен портрет на муслиманите“, додаде Алтун.
Шефот на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство рече и дека Туркије и нејзините институции вложуваат големи напори во борбата против исламофобијата и подигањето на свеста по ова прашање.
Туркије го презеде од Саудиска Арабија мандатот на претседавач со Конференцијата на министри за информации на ОИС.