Burak Dağ
22 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
АНКАРА
Турскиот потпретседател Фуат Октај изјави дека Азербејџан е во право во својата кауза бидејќи ја брани сопствената територија, додека Ерменија е окупатор и мора да се повлече од териториите кои ги окупира, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за „Си-ен-ен Турк“ (CNN Türk), Октај изјави дека Турција нема да се двоуми во пружањето воена поддршка на Азербејџан како дел од договорите за воена соработка меѓу двете земји, доколку Баку поднесе такво барање.
Нагласувајќи дека Азербејџан ослободил повеќе од 100 населби од окупаторските сили, Октај рече дека Ерменија мора да се повлече од териториите кои ги окупирала, вклучувајќи седум региони и Нагорно Карабах.
Тој рече дека терористичката држава ги нападнала цивилите веднаш по последниот прекин на огнот потпишан со Азербејџан.
Октај изјави дека Азербејџан постигнал воен успех, а операцијата предизвикала сериозни жртви.
„Всушност, не е можно ерменската економија и армија да го издржат ова долго време. Единствениот начин на кој може тоа да продолжи е доколку има нелегална поддршка однадвор.“
Тој исто така истакна дека терористите на ПЈД/ПКК од Сирија биле донесени во регионот, истакнувајќи дека Турција има документиран доказ за ова прашање.
Октај исто така рече дека обвинувањата на францускиот претседател Емануел Макрон против Турција не треба да се сфаќаат сериозно, додавајќи дека тој се обидува да се промовира и да се позиционира во ЕУ како нејзин лидер, иако никој не го сфаќа сериозно.
Истакнувајќи ја посветеноста на Турција, Октај рече дека никогаш нема да отстапи парче земја од нејзините територии или капка вода од морињата не само на Грција, туку никому.
„Имаме континентален гребен. Ние го истражуваме нашето поле како што тоа го правиме во Црното Море“, рече Октај, нагласувајќи дека Турција може да спроведе истражувачка активност секаде каде што сака во рамките на своите континентални гребени.
Судири во Нагорно Карабах
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.