Diyar Güldoğan
29 Март 2019•Ажурирај: 30 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турција и Русија денес ја критикуваа одлуката на САД за Голанската Висорамнина, велејќи дека е спротивна на меѓународното право, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дефинитивно не ја признаваме таквата одлука и таквиот потпис од американскиот претседател Доналд Трамп, затоа што е против меѓународното право и резолуциите на ОН. Тоа е територија на Сирија“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на прес-конференцијата во Анталија.
Тој ги даде ваквите изјави по седмиот состанок на турско-руската група за стратешко планирање, на кој со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, разговараше за билатералните односи, како и за моменталните регионални и меѓународни случувања.
Чавушоглу рече дека одлуката на САД не придонесува за регионалниот мир и стабилност, додавајќи: „Напротив, создава немир и хаос во регионот“.
Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, исто така изјави дека Русија не ја признава одлуката, велејќи: „Ова е спротивно на меѓународното право. Секој вид меѓународно право е повреден и прекршен“.
Во понеделникот, американскиот претседател Трамп потпиша претседателски декрет со кој официјално ја призна Голанската Висорамнина како израелска територија.
Израел окупираше две третини од сириската Голанска Висорамнина за време на Шестдневната војна во 1967 година, а анексијата на тој регион ја прогласи во 1981 година. Според меѓународното право, Голанската Висорамнина има статус на територија окупирана во конфликт.
- Билатерални односи -
Чавушоглу изјави дека Анкара е задоволна од подобрените билатерални односи со Москва, додавајќи: „Нашите односи се подобруваат во секоја област, од економија до култура. Ние сме свесни за многу важни проекти“.
Тој, исто така, рече дека Турција и Русија не само што ги развиваат билатералните односи, туку и ја зајакнуваат соработката за регионалните прашања.
„Тоа не е ограничено на Сирија или некои земји. Ние сме во консултација со Русија во многу области, вклучувајќи ги и Балканот и Централна Азија“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу, исто така, рече дека Анкара очекува Русија да ја укине забраната за визи за турските граѓани.
„Нашето очекување е комплетно укинување на визите за нашите граѓани. Ние дискутиравме кои чекори може да ги преземеме во однос на ова и исто така ќе продолжиме заедно да работиме во врска со ова прашање“, изјави Чавушоглу.
Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша декрет за укинување на визите за пасошите на турските службеници и возачите на камионите кои патуваат во Русија.
Новите правила важат и за турските државјани со посебни пасоши за краткорочни деловни патувања, вклучувајќи ги и дипломатските мисии и конзуларните претставништва, како и професионалните возачи кои превезуваат меѓународен товар.