Esat Fırat,Hosni Nedim,Ramzi Mahmud
15 Април 2025•Ажурирај: 16 Април 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку осуммина Палестинци се убиени, а голем број се повредени во нападите на израелската армија врз шатори и куќи во кои биле сместени раселени Палестинци во Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите добиени од болнички извори, израелската армија гранатирала шатори во подрачјето на Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа.
Во нападот животот го загубиле двајца Палестинци, а голем број се повредени.
Беспилотно летало на израелската армија ги погодило шаторите во кои биле сместени раселените Палестинци во местото Ал-Маваси, источно од градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.
Во нападот се убиени тројца Палестинци, а многумина се повредени.
Една жена загина, а повеќемина се повредени кога израелски воен авион нападна куќа во местото Ал-Тахлија, во Хан Јунис.
Еден Палестинец е убиен, а голем број се ранети кога беспилотно летало удри во куќа на улицата Ал- Џала во градот Газа.
Беспилотно летало на израелската армија ги нападна луѓето собрани на портата на теренската кувајтска болница во Хан Јунис, при што е убиен еден болнички работник и ранети се повеќемина.
Израелската армија со воени авиони, беспилотни летала, артилериски оган и тенкови продолжува да напаѓа во Појасот Газа од север кон југ.
Прекинот на огнот во Појасот Газа што стапи на сила на 19 јануари израелската армија го прекрши продолжувајќи со своите брутални напади утрото на 18 март.