Bahtiyar Abdülkerimov
09 Април 2022•Ажурирај: 10 Април 2022
КИЕВ (АА) - Четириесетте жртви пронајдени во масовна гробница во киевското предградие Буча беа цивили кои „не пружиле отпор“, рече Андриј Небитов, шефот на полицијата на главниот град на Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
„Полицијата ги истражува масовните гробници во Буча“, изјави Небитов, и додаде дека руските сили „редовно пукале кон цивилите“.
Небитов рече дека некои цивили се убиени во текот на гранатирањето на градот. Меѓу убиените се и цивили - мажи и жени на возраст од 40 до 60 години.
Тој додаде дека некои од телата пронајдени во Буча ќе бидат пратени на обдукција со цел да се утврдат причините за смртта.
Шефот на полицијата на Киев напомена дека жртвите се пронајдени со рани од куршуми во главата и во телото, што укажува дека се убиени со автоматско оружје или снајпер.
Рускиот претседател Владимир Путин и Москва се соочуваат со жестоки критики од меѓународната заедница откако Украина ги обвини руските сили дека извршиле „геноцид“ и „воени злосторства“ во Буча.
Русија ги отфрли обвинувањата како „напад на лажни вести“, тврдејќи дека сликите кои предизвикаа глобален бес се поставени откако руските сили се повлекле од градот.
Најмалку 1.611 цивили се убиени откако Русија на 24 февруари започна војна против Украина, а 2.227 се ранети, проценуваат ОН. Се стравува дека реалните бројки се многу поголеми.
Повеќе од 4,3 милиони Украинци избегаа во други земји, а милиони се интерно раселени, информира Агенцијата на ОН за бегалци.