Meiramgul Kussainova
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
КИЕВ (АА) - Најмалку 5.000 луѓе, меѓу кои повеќе од 200 деца, беа убиени минатиот месец во опколениот украински град Мариупол, изјави вчера градоначалникот на градот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Според прелиминарните проценки, во период од еден месец, кога започна блокадата, околу 5.000 луѓе загинаа во Мариупол, од кои 210 деца, изјави Вадим Бојченко за време на состанокот на тркалезна маса на кој преку видеоконференција се разговараше за политичките и правните последици од злосторствата на Русија врз Украина“, се вели во соопштението на Општината.
Бојченко рече дека Мариупол сега ќе биде целосно уништен од руските војници, бидејќи повеќе од 90 отсто од градската инфраструктура е уништена, а најмалку 40 отсто сега не може да се врати.
Тој, исто така, рече дека руските војници ја погодиле детската болница, а била погодена и зградата на театарот каде што биле згрижени повеќе од 900 луѓе.
„Во меѓувреме, вкупно 4.892 лица беа евакуирани од опасните области во Украина“, изјави Ирина Верешчук, вицепремиерка и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии.
„Вкупно 3.686 луѓе заминаа од Мариупол и Бердијанск со приватни возила и автобуси за Запорожје“, рече таа.
„Во регионот на Луганск, 1.206 луѓе беа евакуирани од градовите Лисичанск, Сиевјеродонецк, Рубижне, Кремина и селото Хирске“, додаде таа.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што западните земји и нивните сојузници спроведуваат строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.563 цивили се убиени во Украина, 2.213 се повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,27 милиони Украинци побегнале во други земји, а уште милиони се внатрешно раселени.