Ruslan Rehimov
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинската армија денес објави дека од почетокот на рускиот напад врз Украина се убиени околу 20.800 руски војници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот Генералштаб објави податоци за загубите на руската армија во периодот од 24 февруари до 19 април.
Во извештајот се наведува дека во дадениот период биле убиени околу 20.800 руски војници. Уништени се 169 руски авиони, 150 хеликоптери, 802 тенкови, 2.063 оклопни возила, 386 топови, 132 ракетни системи и 67 системи за противвоздушна одбрана.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека се уништени 1.495 возила на руската армија, осум бродови и лесни глисери, 76 цистерни за гориво и 158 беспилотни летала.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и го поттикна заминувањето на светските компании од Русија.
Најмалку 2.072 цивили се убиени и 2.818 ранети во Украина од почетокот на војната, според проценките на Обединетите нации, а се стравува реалните бројки се многу поголеми.
Повеќе од 4,9 милиони Украинци побегнаа во други земји, а повеќе од седум милиони се внатрешно раселени, соопшти агенцијата за бегалци на ОН.