Ali Cura
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
МОСКВА (АА) - Во Украина започна привремен прекин на огнот заради евакуација на цивили од пет града, вклучувајќи го и главниот град Киев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Денешниот привремен прекин на огнот, објавен од руското Министерство за одбрана за евакуација на цивили од украинските градови Киев, Харков, Чернихив, Суми и Мариупол, стапи на сила од 10 часот по московско време.
На 7 март во реонот на Брест во Белорусија се одржа третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и Украина, а двете страни објавија дека има позитивни резултати во разговорите за коридорите за хуманитарна помош.
Потоа руското Министерство за одбрана вчера воведе привремен прекин на огнот за евакуација на цивили од украинските градови Киев, Харков, Чернихив, Суми и Мариупол.
Евакуацијата на цивилите во побезбедни области продолжи и покрај периодичните прекршувања на прекинот на огнот и временските услови. Евакуацијата беше прекината од вечерните часови.
Руското Министерство за одбрана синоќа ја објави одлуката за привремен прекин на огнот, која стапи на сила од денеска.
- Преговорите меѓу Русија и Украина -
Првата рунда преговори меѓу украинската и руската делегација за руско-украинската војна се одржа на 28 февруари во подрачјето на Гомел во Белорусија на границата со Украина и траеше пет часа.
Во првата рунда одлучено е да се одржи втор круг преговори со цел да се обезбеди прекин на огнот и прекин на конфликтите.
Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина се одржа на 3 март во Брест, на границата со Белорусија.
Како резултат на преговорите, беше соопштено дека страните се договориле за создавање заеднички хуманитарен коридор за евакуација на цивили во областите каде што судирите се интензивни. Исто така, постигнат е и договор за обезбедување привремен прекин на огнот во овие региони.
Но, привремениот прекин на огнот не можеше целосно да се постигне и имаше проблеми во евакуацијата на цивилите. Страните меѓусебно се обвинуваа.