Ayhan Şimşek
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Украина ја повика Германија да се откаже од политиката на блокирање на испораките на оружје за Украина, во услови на стравувања од воена акција од страна на Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, за телевизијата АРД (ARD) изјави дека зајакнувањето на одбранбените капацитети на Украина е неопходно за одвраќање на Русија од понатамошна агресија.
„Важно е дипломатијата да продолжи, но оваа дипломатија исто така треба да биде поддржана и со цврст став, како и преземање мерки за одвраќање. Поради тоа ние веруваме дека испораката на оружје треба да остане отворена“, рече тој.
Германија досега ја отфрли можноста за испорака на оружје во Украина, укажувајќи на рестриктивната политика за извоз на оружје на земјата, која не дозволува испраќање оружје во регионите со конфликти.
Украинскиот амбасадор нагласи дека заканата со која се соочува Украина покажува дека ова е сериозна и исклучителна ситуација, која исто така бара исклучителен одговор од Германија.
„Кога земјата ќе се најде во ситуација на самоодбрана, а тоа е случајот сега во Украина, тогаш таму треба да има исклучоци. Овие испораки никогаш нема да бидат нова провокација. Останатите сојузници веќе започнаа со испорака на оружје во последните неколку недели“, рече тој.
Амбасадорот исто така истакна дека Германија сноси историска одговорност за Украина поради злосторствата извршени од нацистите за време на Втората светска војна.
Русија неодамна распореди десетици илјади војници во близина на украинската источна граница, предизвикувајќи страв дека Кремљ планира нова воена офанзива против поранешниот советски сосед.
Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека нејзините војници се таму поради редовни вежби. Наместо тоа, издаде список со безбедносни барања, вклучително и тоа Украина да не се приклучува на НАТО, за да се смират тековните тензии.