Elena Teslova
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денес изјави дека американските дејствија и изјави во врска со украинското прашање се со цел да ги зголемат тензиите и дека Русија го следи тоа со голема загриженост, јавува Агенција Анадолија (АА).
Песков ја коментираше изјавата на Пентагон за ставање на 8.500 трупи во состојба на готовност, во случај на можно брзо распоредување во источна Европа.
Тензиите во Украина се зголемуваат откако Кремљ распореди десетици илјади војници во близина на границата со Украина, за што Западот тврди дека е подготовка за војна. НАТО и ЕУ предупредија на тешки економски последици доколку Русија го нападне својот сосед.
Русија постојано негира дека планира да изврши инвазија, велејќи дека нејзините војници се таму за вежби. Но, го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Се очекува писмен одговор на САД оваа недела за листата со безбедносни гаранции на Русија, меѓу кои се наоѓа и гаранцијата од НАТО дека Украина нема да биде дел од Алијансата.
Песков рече дека готовноста на американските војници нема никакво влијание врз текот на разговорите за безбедносните гаранции, а дејствијата на Москва ќе бидат дефинирани според одговорот на Вашингтон и одлуките на претседателот Владимир Путин.
Во меѓувреме, политички советници од Германија, Франција, Русија и Украина се собираат во Париз на разговори за ситуацијата во Украина според форматот Нормандија.
Како што истакна Песков, рускиот претставник Дмитриј Козак ќе им ја пренесе загриженоста на Москва на своите соговорници во Нормандиската четворка.
САД, исто така, им наредија на семејствата на вработените во Амбасадата во украинскиот главен град Киев да ја напуштат земјата.