Aida Cako
05 Мај 2025•Ажурирај: 06 Мај 2025
ГАЗА (АА) – Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) вчера предупреди дека нејзините медицински услуги во Појасот Газа се соочуваат со сериозен недостиг на ресурси поради израелската блокада и тековната воена агресија, јавува Анадолу.
„Речиси една третина од основните резерви веќе се недостапни, а се предвидува дека уште една третина ќе се потроши за помалку од два месеца“, соопшти агенцијата на социјалната мрежа X.
И покрај критичната состојба, УНРВА останува еден од водечките здравствени даватели на услуги во енклавата, обезбедувајќи здравствена заштита во услови на постојана блокада и бомбардирање.
Во петокот генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, предупреди дека израелската блокада „ќе убие уште деца и жени на тивок начин, покрај оние што веќе ги загубија животите во нападите“.
Според извештаите на Владата, организациите за човекови права и меѓународните институции, со израелската блокада, која започна на почетокот на март, целосно се затворени граничните премини кон Газа и се спречува влегување на храна, медицинска помош и стоки, а тоа доведува до драматично влошување на хуманитарната состојба.
Директорот на владината Канцеларија за медиуми во Газа, Исмаил ал-Тавабта, во четвртокот за Анадолу изјави дека енклавата е во „напредна фаза на глад“, а воените операции продолжуваат со несмалено темпо.
Повеќе од 90 отсто од населението во Газа е раселено, многумина повеќепати, принудени се да живеат во пренаселени засолништа или на отворено, а тоа придонесува за ширење на болести и епидемии.
Во бруталните израелски напади од октомври 2023 година досега во Газа се убиени повеќе од 52.500 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна против енклавата.